Во време на исклучително комплексна геополитичка архитектура, кога светот доживува паралелно најмногу кризи и конфликти по Втората светска војна а мeѓународниот правен поредок е под константна криза на идентитет, во серија текстови ќе продискутираме за улогата на жените во безбедносното опкружување чија главна константа е промената, особено во најбрзо растечкиот домен на војување – сајбер просторот.
Конфликтите ширум светот му се закануваат секојдневно на цивилното население и ја поткопуваат глобалната нестабилност и чувството на лична безбедност. Сеприсутноста на сајбер заканите ја потврдуваат секојдневните обиди за нарушување на нормалното функционирање на критичната инфраструктура, јавните добра и услуги како и доспевањето до витални информации и интелектуални добра. Од тој аспект, ако некогаш сме можеле да зборуваме за сајберот како поле единка, во овој момент во времето неговото влијание е толку хоризонтално да секоја општествено свесна и одговорна работна единица посветува сериозно внимание на сајбер безбедноста и едукацијата за истата.
Жените сочинуваат над половина од општеството, присутни се во безбедносниот сектор и во голема мера влијаат на јавното мислење. Безбедноста на девојчињата и жените беспоговорно е поврзана со благосостојбата и безбедноста на една нација. Кога жените имаат можност да ги користат и градат своите капацитети во потполност, економијата е во пораст, стандардот на образованието и јавното здравје расне додека политичката нестабилност и насилството се намалува.
Каде се жените во приказната?
На сега далечниот 31 октомври 2000 година, Обединетите Нации ја изгласaа Резолуцијата 1325 на Советот за безбедност кој во овој момент ги вклучува деветте дополнителни резолуции 1820, 1888, 1889, 1960, 2106, 2122, 2422, 2467 и 2493. Самата со себе ја лансираше агендата Жените, мирот и безбедноста.
Потребно е внатрешниот систем во една држава да е добро прилагоден за да има моментални и опипливи влијанија врз секојдневните предизвици со кои се соочуваат жените доколку се повикуваме на оваа агенда. Жените, мирот и безбедноста како рамка промовира два значајни импулси: унапредување на жените во одбранбениот сектор и вклучување на родовата перспектива во безбедносните долгорочни и стратешки размислувања. Со овие механизми, се создаваат можности жените да исчекорат на сериозни улоги во одбранбено безбедносниот сектор, гарантирајќи дека стратешките одлуки се донесени со инклузија и сеопфатност. Дополнително, инкорпорирањето на родовата перспектива во безбедносните стратегии овозможува посеопфатно и панорамско разбирање за тоа како безбедносните прашања специфично влијаат врз половите, што доведува до поефективни и правични решенија.
Ова особено се однесува за сајбер безбедноста и новите закани поврзани со родово базираното насилство (РБН), а особено родово базираното насилство потпомогнато од технологијата. Во моментов, светот доживува повеќе конфликти и кризи отколку кога било претходно, што негативно ја оптоварува меѓународната безбедност. Учеството на жените во безбедносното поле се зголеми годиниве по децении на раст, а партнерството со граѓанските организации предводени од жените е ефикасен начин да продолжи да се зголемува учеството на жените.
Дали квотите се единствениот механизам на гарантирање на женскотo присуство?
НАТО со време го воочува диспропорционалното разорно влијание кое конфликтите го имаат врз жените и девојчињата. Жените се присутни во редовите во секој конфликт или војна, доколку не како учесници тогаш како преостанати лидери во редуцираните заедници но за жал, скоро секогаш како жртви на психофизичко и сексуално насилство користени како алатка на војната, за влијание врз моралот на тие веќе на теренот. Во секој конфликт, жените и девојчињата се соочуваат со предизвици кои не може и не смеат да бидат занемарени и нивниот импакт врз мирот и безбедноста како и важноста од инкорпорирањето на родовите перспективи преку иницијативата Жени, мир и безбедност е исклучително важна нишка во се што работи Алијансата.
И покрај овие напори, жените сè уште претставуваат мал процент од униформираниот персонал во НАТО (приближно 13 проценти) и малку повисоки 23,6 проценти на раководните (вклучувајќи ги и цивилните) улоги. Жени лидери на едно место од одбранбено безбедносниот сектор сè уште се чувствува како привилегија, но не треба да биде.
Сајбер-одбраната е исто толку за луѓето колку што е и за технологијата. НАТО и сојузниците реагираат со зајакнување на способноста на Алијансата за откривање, спречување и одговор на малициозни сајбер активности, потпираjќи се на силна и издржлива сајбер одбрана за да ги исполнат трите основни задачи на Алијансата – одвраќање и одбрана, спречување и управување со кризи и колективна безбедност. Женското лидерство, перспективите и придонесот се клучни за тоа како реагираме севкупно на безбедносните предизвици – во сите области – од стратешко планирање и одлучување до воени операции.
Агендата беше зајакната на Самитот во Вашингтон во јули 2024 година, кога лидерите на НАТО ја поддржаа ажурираната политика за жени, мир и безбедност, дополнително интегрирајќи ги родовите перспективи во сè што ќе прави НАТО во следната деценија.
Во својот говор, Специјалната претставничка на НАТО за жени, мир и безбедност, Ирене Фелин праша: ‘’Но, како можеме да го искористиме женското лидерство? Имаме колективна одговорност да направиме повеќе. Ние сме тука да ја правиме промената што ја бараме, да водиме со пример и да ги инспирираме жените и девојките да ни се придружат, сега и во иднина. Како што знаеме, не можете да бидете она што не можете да го видите. Животот ни покажува како лидерството се манифестира на различни начини, од политика до граѓанско општество. Во ова критично време за нашата безбедност и за меѓународниот мир и стабилност, бидејќи се соочуваме со повеќе безбедносни предизвици, женските гласови и лидерство се од витално значење. Само преку нашата различност и инклузивност можеме да добиеме сеопфатно разбирање за светот и да ги најдеме вистинските решенија за подолготраeн и поодржлив мир.’’
За да ги зголемиме шансите за успех во заштита на мрежите од сајбер напади, клучно е да ги вклучиме сите. Земајќи ги предвид различните перспективи, искуството на жените може само да го зголеми и унапреди разбирањето на темата. Правопропорционално со растот и развојот на сајбер безбедноста како поле за работа кое секој ден само го зголемува својот дијапазон, расте и побарувачката за работна сила во ова поле од различен профил. Вклучувањето на жените не е само прашање на еднаквост, туку и на можности. И во овој контекст, потребен е сеопфатен пристап вклучувајќи различни профили во овој домен односно колку инженери и аналитичари како стручни лица, уште повеќе академската и политичката фела како и граѓанските организации и невладиниот сектор.
Одлучноста на сојузниците да принципите наведени во Резолуцијата 1325 навистина заживеат и да станат применливи во контекст на НАТО доведе до првата формална политика на НАТО за жените, мирот и безбедноста во декември 2007 година, која се фокусираше на тоа како родовите перспективи се применуваат во оперативен контекст. Првиот Акциски план за поддршка на имплементацијата на оваа политика беше одобрен на Самитот во Лисабон во 2010 година по повод 10-годишнината од Резолуцијата 1325. 2024 година, шефовите на држави и влади на НАТО ја поддржаа ревидираната политика на агендата на Жени, мир и безбедност која поставува четири стратешки цели кои е потребно НАТО да ги има предвид родово одговорно лидерство и одговорност; учество; превенција и заштита.
НАТО исто така работи и на Резолуцијата 1820 на Советот за безбедност на ОН, која се фокусира на сексуалното насилство присутно во конфликтите. Стратешкиот концепт на НАТО од 2022 година како водечки документ на Алијансата за идната декада, не пропушти да ја нагласи меѓуресорската соработка потребна за да жените навистина ја почувствуваат интеграцијата на агендата Жени, мир и безбедност преку трите столба задачи на НАТО, заложувајќи се дека ќе продолжи да ја унапредува родовата еднаквост како врвна вредност на Алијансата.
НАТО тесно соработува со Обединетите нации, Европската унија, Организацијата за безбедност и соработка во Европа и Африканската унија за да учи и да се надоградува врз искуствата на едни со други.
Програмата на НАТО за наука за мир и безбедност промовира конкретна соработка за родови прашања меѓу земјите членки и партнери на НАТО, преку заеднички проекти, школувања и размена на искуства. Партнерите секогаш имаат простор да усвојат конкретни цели кои ги одразуваат принципите и ја поддржуваат имплементацијата на агендата на Жени, мир и безбедност. Некои придонесуваат за развој на активности за едукација и обука помагајќи да сме сигурни дека родовите перспективи се вклучени во наставната програма на центрите за обука на НАТО и центрите за извонредност, како и во обуката пред распоредувањето во мисии. Шведска на пример е домаќин на Нордискиот центар за родови перспективи при воените операции.
Во седиштето на НАТО во Брисел, специјалниот претставник на генералниот секретар за жени, мир и безбедност служи како високо рангирана позиција за целата работа на НАТО на агендата за Жени, мир и безбедност. Позицијата е формирана во 2012 година станувајќи постојана во 2014 година. Во ноември 2021 година, г-ѓа Ајрин Фелин беше назначена за специјален претставник. Во нејзината работа и помагаат родовите советници, родовите фокус точки, работните групи како и НАТО комитетот за родови перспективи. Родовите советници се поставени низ воените структури на НАТО и во сите операции и мисии. Овие мажи и жени работат на стратешко и оперативно ниво и се вредни ресурси за командантите, кои се одговорни за целокупната интеграција на родовите перспективи во планирањето, извршувањето и евалуацијата. Родовите фокус точки ја управуваат интеграцијата на родовите перспективи и имплементацијата на агендата на Жени, мир и безбедност во меѓународните воени штабови на НАТО. Работната група за лидерство е платформа наменета за седиштето на НАТО и неговите агенциите да се вклучат во спроведувањето на агендата. Оваа Работна група му овозможува на повисокото раководство во НАТО да има увид во напредокот, предизвиците и можностите при имплементацијата на оваа агенда. Техничката работна група е платформа за ангажман на ниво на персонал на НАТО која се користи за координација и споделување информации за да помогне во спроведувањето на агендата во сите аспекти од работењето на НАТО.
Комитетот на НАТО за родови перспективи ја промовира интеграцијата на родот како стратегија за преземање на искуствата и на жените и на мажите како интегрална димензија на спроведувањето и евалуацијата на политиките, програмите и воените операции.
м-р Тамара Лазаревска Силјаноска, поручник, членка на Women4Cyber North Macedonia