ВЕ МОЛИМЕ! Обратете внимание на децата, телефоните и интернетот

Внимание: Текстот содржи информации кои некои читачи може да ги перцепираат како вознемирувачки.

 Кога разговараме за креирање политики, исклучително е важно при изготвување на предлог решенијата да бидат земени предвид родово одговорни решенија и пристапот кон најранливите помеѓу нас. Пристапот кон сајбер безбедноста базиран на човековите права значи ставање на човечкото во фокус, градејќи доверба во безбедноста на системот односно сите негови компоненти (мрежи и уреди) што ја зајакнува а не загрозува човековата безбедност. На овој начин, системот гради основа за изразување и самиот е манифестација на остварувањето на човековите права (слобода на мисла, на изразување, на здружување). Позиционирањето на луѓето како примарен субјект на сајбер безбедноста, ја прави хуманата безбедност главна цел на процесите и регулативата.

Согласно податоците на ITU, Меѓународната унија за комуникации, на глобално ниво интернетот е користен од страна на 70 проценти од мажите и 65 проценти од жените. Тоа значи дека глобално, има 244 милиони повеќе мажи отколку жени корисници на интернет. Што значи ова за нашето истражување? Дека дигиталните јазови создаваат диференцирани ранливости на сајбер нападите.

Технолошки потпомогнато родово базирано насилство го вклучува секој чин на родово базирано насилство што е извршен, промовиран или влошен, делумно или целосно, со употреба на компјутерска технологија. Технологијата додава елемент на можност за повторување на делото, мултиплицирајќи ја штетата преку повеќекратно споделување во етерот. Жените и девојчињата доживуваат насилство во далеку повисоки стапки од мажите. Жените и девојчињата честопати се непропорционално цел на говор на омраза, сексуализирана онлајн злоупотреба и сајбер криминал. Овие форми на насилство се најсовремениот дел но да, само дел од исклучително тешкиот мозаик на насилство врз жените. Кога зборуваме за современото доба од аспект на технологијата и комуникацијата, можеме да се сложиме дека најранливи помеѓу нас се децата, жените и возрасните, стари лица.

За нас во Women4Cyber North Macedonia, прашањата кои ја таргетираат безбедноста на жените и девојчињата во онлајн просторот се и повеќе од круцијални. Во овој текст се фокусираме на најранливите помеѓу нас, децата. Кога ќе се потсетиме на нашето детство, неизбежен беше советот од возрасните да не зборуваме со непознати каде и да одиме, за наша заштита и безбедност. Според последните истражувања на врсничката психологија и дигиталното доба, неволјите доаѓаат од тие со кои поминуваме најмногу време, односно ги познаваме. Интернетот создава вешта илузија дека ги познаваме луѓето од другата страна на екранот.

Пред две недели, американските весници беа преплавени со веста за тинејџерот Кејлеб Мур кој се самоуби во својот дом по (согласно форензичките испитувања на неговиот телефон), триесет и пет минутен разговор на апликацијата Snapchat.  Кејлеб, тинејџер кој живее во Ел Дорадо, Канзас, листал на апликацијата TikTok кога ‘’се запознал’’ со друго лице кое се претставило дека е „14-годишно девојче“. Според изјавата на неговата мајка Морган, двајцата почнале да „флертуваат“ пред да го префрлат разговорот на апликацијата Snapchat. Потоа „девојчето“ наводно испратило компромитирачки слики од себе, што го навело Кејлеб да го стори истото. Веднаш потоа лицето му се заканило на Кејлеб да испрати голема сума пари или во спротивно ќе ги објави фотографиите, што претставува еден вид измама позната како изнудување каде што некој уценува друго лице за пари користејќи фотографии со сексуална содржина односно во сајбер речник ‘’sextortion’’. „Го натерале да се чувствува како да му е завршен животот бидејќи ја направил оваа грешка“, рекла таа, додавајќи дека мисли дека нејзиниот син чувствувал дека нема каде да се сврти. По 35-минутната размена на Snapchat, Кејлеб си го одзел животот и починал во својот дом. Полемизирањето може да продолжи во многу правци, но ние ќе застанеме тука.

Undress AI претставува дигитална алатка која користи вештачка интелигенција за  виртуелно да ја отстрани облеката од личноста на фотографијата, без нивно знаење и согласност. Алатката анализира години, поза, пропорции на телото и други детали од интерес за што пореално сама да ја генерира сексуалната содржина. Терминот самогенерирана сексуална содржина  всушност означува содржина која лицето самото ја снимило и споделило и врз која од тој момент можат да се вршат измени.

Undress AI e меѓу последните трендови на врсничко насилство – децата ги создаваат со помош на апликацијата и слични на неа, споделувајќи ги меѓусебно, со цел потсмев, внимание, манипулација односно низа на девијантни појави. За некого делува безопасно, за некого доведува до самоубиство. Иако сликата манипулација всушност не го прикажува вистинското тело на жртвата, таа имплицира на тоа што е сосема доволно просечен млад човек да навлезе во вртлогот од кој можеби нема да излезе. Младите се уште не ги познаваат законските регулативи во потполност и како такви, може да имаат потешкотии да се мачат да ги одвојат штетните алатки од тие што промовираат безопасна забава.

Пораките на Snapchat исчезнуваат во моментот кога ќе ги прочитате. Апликацијата Secret calculator има иста икона како регуларен калкулатор, со таа разлика што се пристапува со пин код и може да содржи море на експлицитни фотографии и датотеки. Скоро сите апликации кои ги користиме секојдневно имаат можност за скриен разговор. Апликацијата Sugar Dating и нејзе слични служат за поврзување на повозрасни корисници (т.н. sugar daddy, sugar mommy) со помлади лица. Апликациите за ‘’шеќерно запознавање’’ претставуваат плодно поле за  финансиска поддршка или подароци од друго лице во замена за другарство, интимност или други придобивки. Иако е законски дозволено за возрасни, овие апликации со себе носат сериозен ризик кога им пристапуваат малолетници, што за жал се случува почесто отколку што мислиме. Апликациите за sugar dating кон младите се претставуваат како ‘’лесен начин на заработка’’ а всушност се ситуација што може да има далекусежни последици врз физичкото, емоционалното и менталното здравје.

За да го поткрепиме горенаведеното со факти и бројки, ќе се потпреме на извештајот на Internet Watch Foundation за 2024 година, за сексуалната злоупотреба на деца преку интернет.

  • Организацијата добила 424,047 пријави за сексуална злоупотреба (8% зголемување од извештајот за 2023)
  • Организацијата добила 729,696 слики кои можат да се карактеризираат како нелегални
  • 424,031 биле од URL- адреси на интернет или доставени од службите за грижа на малолетници и деца
  • 16 биле од неформални групи
  • 267,788 (63%) се резултат на проактивната улога која ја презема организацијата
  • Ова значи дека на 74 секунди се случува ваков настан во кој дете е предмет на сексуална злоупотреба
  • Потврдено е дека 291,273 извештаи содржат криминални фотографии од сексуална злоупотреба на деца, содржат линк до овие фотографии или биле своевидна реклама (бележат 6% зголемување од извештајот за 2023).
  • 290,637 биле од URL адреси на интернет
  • 636 биле извештаи добиени од службите надлежни за деца
  • 91% од извештаите оценети како кривични, содржеле самогенерирани фотографии
  • На 94% од овие самогенерирани фотографии биле прикажани девојчиња

Годишниот извештај укажува дека во просек на 108 секунди, дете доживува сексуална злоупотреба. Internet Watch Foundation е организација која постои од самите почетоци на достапноста на интернетот кон просечниот човек – 29 години наназад да бидеме прецизни.  Нивната мисија е свет каде што ниедно дете никогаш не е сексуално злоупотребено, а потоа принудено да се соочи со реалната можност дека записот за нивната ужасна злоупотреба ќе биде споделен онлајн. Премногу често, жртвите и преживеаните се трауматизирани долго откако ќе заврши физичкото страдање. Стручната фела го нарекува истото повторна виктимизација.

 

Организацијата и нејзините бројни соработници низ полициските и судските патишта, постојат за да ги пронајдат и отстранат сите онлајн записи за сексуална злоупотреба на деца. Криминогените умови одговорни за правење, споделување, па дури и продажба на овие нелегални слики се немилосрдни. Сликите што аналитичарите вработени во IWF ги отстрануваат се движат од злоупотреба на бебиња до злоупотреба на тинејџери и млади луѓе кои само се обидуваат да формираат врски во дигиталниот свет и да го најдат своето место под сонцето. Неретко, тие дури и не сфаќаат дека се заробени, сè додека не е предоцна. Ваквата мисија е исклучително тешка, но благородна. Благодарение на работата на овие седумдесетина поединци и нивните ангели помошници, интернетот е побезбедно место за сите деца.

И најважно од се, без разлика на возраста – децата учат преку модел, затоа потрудете се да бидете добар пример. И Вие ограничете го времето што го поминувате пред екран и вие не

гледајте било што достапно на интернет. Обидете се да се ставите во кожата на вашето дете и фокусирајте се на причините за однесувањето помеѓу врсниците, а не на нивните заклучоци.

Сега сме во ек на летната сезона и бројни објави по социјалните мрежи од убавите мигови на летувалиштата. Не заборавајте дека еднаш на интернет значи засекогаш на интернет. Во моментот кога ќе објавите нешто, понатамошната дистрибуција веќе не зависи од Вас. Размислете два па и три пати пред да објавите нешто од Вас и Вашето семејство. На крајот на денот запрашајте се, дали Вашето дете па и  сопружник, пријател – сака да биде објавен на интернет?

Овој текст е само капка обид за свест во океанот на можности кои демнеат зад нерегулираното користење на интернетот. Технологијата носи бројни можности за олеснување на нашето секојдневие и живеење на нештата кои до пред само неколку години се чинеле апсолутно недостижни и намерата на овој текст не е да бидеме параноични во врска со интернетот, туку напротив – идејата е да работиме на подигање на свеста за негово разумно и внимателно користење во насока на градење на една дигитално резилиентна младина бидејќи ниту едно дете не заслужува да се соочи со ваков ужас. Ниту едно дете не заслужува и не смее да биде жртва на двојна виктимизација и одново да го преживува истото – тоа е само уште еден начин на кој сторителите ги мачат своите жртви. Верувајте, за ова разговараме и пишуваме бидејќи веќе е секојдневие.

До следното читање,

Тамара

М-р Тамара Лазаревска Силјаноска, поручник е членка на Women4Cyber North Macedonia и ентузијаст во контекст на прашањето како модерната технологија се испреплетува со правото и човековите права.