‘’Кристина Кук стана првата жена која ја напуштила ниската Земјина орбита и патувала толку далеку во вселената. Последниот пат кога луѓето заминаа на месечината, жените немаа право ни да поседуваат сметка во банка а дел немаа ни право на глас.’’ – одекнуваше низ интернетот деновиве.  

Christina Hammock Koch [се изговара „Кристина Кук“] родена 1979 година, е инженер и истражувачка која во 2013 година била избрана за астронаут на НАСА. Работела како инженер на летови на Меѓународната вселенска станица во експедициите 59, 60 и 61. За овој ангажман летала со руската ракета „Сојуз“ и се обучувала во Русија. Кох постави рекорд за најдолг единечен престој во вселената од жена – 328 дена, и учествуваше во првите женски вселенски прошетки. Овој април, сите ја запознавме како специјалистот на мисијата „Артемис II“, која полета на 1 април 2026 година од Кенеди центарот на НАСА носејќи ја капсулата Orion во орбита. Заедно со астронаутите Рид Вајсман, Виктор Гловер и Џереми Хансен, успешно слетаа на 10 април 2026 крај брегот на Сан Диего на Пацификот, по речиси 10-дневно патување.

Артемис II беше првиот екипиран лет околу Месечината по повеќе од 50 години и дел од програмата Artemis. Идејата на самата мисија беше тест на системите за длабока вселена, а капсулата Orion беше нивен дом и работен простор. Кристина стана првата жена што стигнала толку далеку во вселената. Artemis е замислен како ново поглавје во враќањето на Месечината, со идни мисии насочени кон слетување и обезбедување долгорочно човечко присуство.

Кох студирала на Државниот универзитет во Северна Каролина, каде што дипломирала електротехника и физика, а потоа магистрирала електротехника. Дел од студиите ги завршила и во Гана. Подоцна се стекнува и со почесна докторска титула од истиот универзитет.

Жените не се нови во овој свет, за тоа пишувавме многу пати до сега. Но како друштво на жени во технологијата Women4Cyber, нема да пропуштиме прилика (посебно не сега) да го афирмираме уште еднаш значењето на сите жени во науката. Но во овој текст, ја славиме Кристина Кук и женскиот екипаж. Дел од нив претставуваме во продолжение, согласно расположливите информации од НАСА.

За потсетување, приматот на прва жена во вселената го чува Валентина Терјешкова. Во 1963 година стана првата жена во вселената, летајќи сама со „Восток 3“ и со само 26 години останува најмладата жена што орбитирала околу Земјата – за три дена ја обиколи 48 пати, според меѓународната дефиниција за надморска височина од 100 километри.

Изминатите недели пишувавме за филмот, базиран на истоимената книга од Марго Ли Шетерли, која ја раскажува вистинската приказна за Кетрин Џонсон, Дороти Вон и Мери Џексон – три афроамерикански математичарки кои одиграле клучна улога во првите успеси на САД во вселенските летови. Во време кога расната и родовата сегрегација биле дел од секојдневието, тие работеле во лабораториите на претходникот на НАСА, соочувајќи се со законите на Џим Кроу, одделни работни простории, посебни трпезарии и постојана потреба да го докажуваат своето знаење.

Патувањето во далечните простори на вселената беше следено со огромна возбуда на нашата планета и предизвика вистинско освежување од динамичното време во кое живееме. Тоа уште еднаш ни дава до знаење колку човештвото копнее да сведочи на напредок во вистинска смисла на зборот, колку е благородно науката и суштинското знаење да се доближат до обичниот човек. Патувањето толку далеку во вселената е сведоштво дека кога на малите момчиња и девојчиња им се отвораат вратите кон учење и раст, човештвото нè дарува со напредок во секоја смисла — како бескрајна симфонија низ космосот која нè потсетува дека иднината е приказна што заедно ја создаваме.

 

 

 

 

 

 

 

 

Научниците во Собата за научна евалуација (SER) го набљудуваат екипажот на „Артемис II“ како прв екипаж што ќе лета околу Месечината по повеќе од 50 години. | НАСА

Како што може да се види на фотографијата, најголем дел од присутните во собата се жени кои работеле како лунарни геолози.

 

 

Заменик- шефицата за лунарни науки во „Артемис II“, Мари Хендерсон, прикажана како стои лево, и членови на тимот за лунарни науки, од десен преден план, Ариел Дојч, Марија Бенкс зад неа, Рајан Воткинс десно од неа и Сара Шмит во карирана јакна. На оваа слика тие реагираат на набљудувањата на астронаутите за карактеристиките на Месечината за време на нивниот прелет на 6 април 2026 година.

 

 

 

 

 

Комуникатор со капсулата

Астронаутката на CSA (Канадската вселенска агенција) и резервна членка на екипажот „Артемис II“, Џени Гибонс, служи како капсула-комуникатор (capcom) за време на демонстрацијата на рачното пилотирање на „Орион“ на четвртиот ден од мисијата.

Фото: НАСА/Бил Стафорд

 

 

 

 

 

Лиса Мацука, шеф на мисијата за пребарување и спасување во Центарот за вселенски летови Годард на НАСА, работи на бродот „УСС Џон П. Мурта“ додека тимот се подготвуваа за враќањето на членовите на екипажот на „Артемис II“ на Земјата, среда, 8 април 2026 година, во Тихиот Океан покрај брегот на Калифорнија.

Фото: НАСА/Џоел Ковски

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Астронаутот на НАСА, Виктор Гловер, пилот на „Артемис II“, лево, и астронаутката на НАСА, Кристина Кох, специјалист за мисијата „Артемис II“, се гледаат како седат на морнарички MH-60 „Seahawk“на хеликоптерскиот борбен сквадрон (HSC) 23 на летната палуба на бродот „USS John P. Murtha/ УСС  Џон П. Мурта“.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

(11 април 2026 година) – Екипажот на „Артемис II“ на НАСА, астронаутите на НАСА Рид Вајзман, командант; Виктор Гловер, пилот; Кристина Кук, специјалист за мисија; и астронаутот на CSA (Канадската вселенска агенција) Џереми Хансен, споделија кратки забелешки со пријателите, семејството и колегите откако слетаа на аеродромот Елингтон во близина на вселенскиот центар Џонсон на НАСА во Хјустон во сабота, 11 април 2026 година, по речиси 10-дневно патување околу Месечината и назад до Земјата. Фото: НАСА/Бил Стафорд

Уште како девојче, Кристина сонувала да биде астронаут. Нејзината кариерна траекторија ја прави пионер во многу области и доказ дека соништата се остваруваат а јазикот на косата е универзален за сите жени. Од личната архива на Кук ‘’Првите плетенки во вселената’’

 

Girls, work hard and dream big!

 

 

 

 

 

Пишува:

М-р Тамара Лазаревска Силјаноска, поручник, членка на Women4Cyber North Macedonia